Free Web Hosting Provider - Web Hosting - E-commerce - High Speed Internet - Free Web Page
Search the Web

ЦРКВАТА СВ. БОГОРОДИЦА С. ВЕЉУСА

Недалеку од манастирот Водоча, во с. Вељуса, се наоѓа добро зачуваната манастирска црква Св. Богородица.

За подигањето на црквата постоел еден натпис на мермерна плоча која била однесена од Бугарите за време на Првата светска војна. Меѓу другото во натписот стоело дека манастирската црква Св. Богородица Елеуса во с. Вељуса била подигната од струмичкиот епископ Манојло во 1080 година. Плочата со натписот се наоѓала над влезната врата во наосот. Се смета дека непосредно по изградбата на црквата истата била и живописана. Од зачуваните повелби од епископот Михајло дознаваме за раните години на оваа црква. Нејзината историја не е толку богата како на водочката црква, иако доживувала денови на оштетувања и доградби.

Значајна е по својата архитектура, фрескоживопис, мозаичен под и иконостас во мермер. Како архитектонско решение, црквата е единствена градба во Македонија од XI век. Во основата е решена во вид на четириконхос а над неа се издига купола што е однадвор осмострана. Источната, северната и јужната конха се петострани од надворешната страна, украсени со два реда ниши изведени во тула, с6 што е оживеана фасадата.

Манастирската црква Св. Богородица, иако била предмет на проучување, таа до денес се уште крие неразјаснети работи. По однос на својата архитектура се смета дека од првобитната градба е останата црквата заедно со јужниот параклис и нартексот. Подоцна, негде во втората половина на XV век, кон западната страна на црквата е изграден егзонартекс со отворен или затворен трем од јужната страна. Многу подоцна, кон северната страна бил изграден трем што, всушност, се смета за трета фаза на доградба, додека во најново време бил изграден трем од западната страна. Најновите проучувања на архитектурата најверојатно ќе дадат попрецизни податоци, вклучувајќи ги тука и археолошките ископувања. Во тој случај, ќе знаеме конечно за изгледот на архитектурата во сите фази, од изградбата на овој манастирски комплекс. Во последните конзерваторски интервенции отстранет е северниот и западниот трем на црквата, со тенденција да дојдат до израз фасадите кои се декорирани со ќерамопластика. Веројатно ќе биде зачуван јужниот трем поради тоа што во него има остатоци од фрески, а што не води на помисла дека тој трем постоел и бил затворен. Меѓу северната и источната конха, веројатно во XIX век, бил дограден параклис, преку кого се комуницира од наосот во олтарниот простор. Денес служи како проскомидија, а веројатно за таква намена била и изградена.

Во црквата има живопис од два временски периода. Првиот е најстар и од времето кога е подигната црквата. Овој живопис своевремено страдал па затоа дошло до ново живописување во XIX век. На местата каде што биле зачувани фреските извршено е ретуширање на истите, а таму каде што фреските биле уништени, се насликани нови ликови и композиции. Се до пред отпочнувањето на конзерваторските работи на живописот во 1958 година, внатрешните ѕидни површини на првобитната црква тетраконхосот беа покриени со фрески од XIX век, со исклучок на фреските од јужниот параклис. Откако беше отстранет неквалитетниот живопис од XIX век, беа откриени првобитните фрески на црквата во прилично оштетена состојба. Во олтарната апсида беа откриени четири архиереи во првата зона, додека во втората Богородица со Христа. Единствено зачувана композиција во наосот, односно во северната конха, е „Симнување во пеколот", додека делумно зачувана е композицијата „Сретење" во западната конха, откриена при новите истражувања, во 1966 година. Со најновите конзерваторски работи во 1969 година, откако е отстранет ретушот, се покажаа добро зачувани фигури на пророци во цел раст, во меѓупрозорното пространство од тамбурот на куполата.

Христос Седржител кој е насликан како што е вообичаено, во полукалотага на куполата само до градите кој во левата рака држи евангелие, а со десната благословува. Во тамбурот на куполата на источната страна е претставена Богородица во став на Оранта која стои врз богато украсен пиедестал. Десно од Богородица е Јован Претеча со крилја на грбот и свиток во левата рака. Лево и десно од Богородица и Јован Претеча се по еден архангел, облечени во богати алишта кои во десната рака држат скиптар. Останатиот меѓупрозорен простор го исполнуваат старозаветни пророци, меѓу нив се идентификувани пророк Давид, Авакум и Езекиил.

Остатоците од фрескоживописот, кој и припаѓа на втората половина од XII век, се наогаат во ексонартексот и на северниот и на западниот ѕид од јужниот трем. Од овој временски период е зачуван ликот на св. Онуфриј во јужниот трем, како и полузачуваната фигура на св. Панфнутиј.

Фреските кои му припаѓаат на XI век заслужуваат внимание од иконографска гледна точка. Во олтарната апсида, светите архиереи се претставени во фронтален став и профил. Ова зборува за примени архаични елементи, но подоцна нема да се повторуваат. Композицијата „Слегување во пеколот" иконографски претставува детал со два ѓавола, што ретко би можело да се повтори на друго место.

Најзачувани фрески од XI век се фреските од јужниот параклис Св. Спас. Иако нема голем број на фигури, значајно е да се одбележат ликовите на св. Пантелејмон во цел раст, насликан на западниот ѕид, св. Нифон во архиерејска облека, Христос Емануил во калотата од куполата и неколку фигури во малата олтарна апсида од параклисотсцената Собор на светите архангели.

Богатството на оваа црква не го чинат само архитектурата и живописот. Во 1958 година за првпат е откриен под дрвениот иконостас иконостас во мермер. Тоа е најзачуваниот иконостас од времето кога е подигната црквата во XI век, извонредно хармонично вклопен во пропозициите на црквата и амбиентот на олтарната апсида. Орнаменталните мотиви ја красат само челната страна на иконостасот. Црквата ја красел и убавиот поден мозаик. Зачуваните фрагменти зборуваат за убавите геометриски шари изведени со разнобојни каменчиња. Денес се зачувани остатоци од тој мозаик, и тоа во поткуполниот простор и олтарната апсида.

Откако еден ден ќе завршат конзерваторскореставраторските работи на архитектурата, живописот и мозаикот, манастирската црква Св. Богородица Елеуса ќе ни го покаже својот некогашен првобитен изглед.

WWW.ECCF.UKIM.EDU.MK/SEMPC