МАНАСТИРОТ ТРЕСКАВЕЦ
На околу 10 км. од Прилеп, под самиот Слатоврв, подигнат е манастирот Трескавец, со манастирската црква Успение Богородичино. Необично е убав погледот наоколу од Трескавец затоа што оттука се гледа цела Пелагонија, планините Бабуна, Пелистер и Кајмакчалан, а навечер градовите Битола, Прилеп и Крушево. Манастирот Трескавец претставува еден сложен комплекс од разни градби, урнатини и доградби, кои до денес се уште нѓ се доволно проучени. Меѓутоа, врз основа на малкуте податоци од литературата и најновите истражувања, се добива непотполна слика за манастиротТрескавец.
Во еден фресконатпис, кој се наоѓа над влезната врата на манастирот, се споменуваат византиските цареви Андроник II (1282-1328) и неговиот совладар Михајло IX. Тоа се, всушност, првите донатори во Трескавец. Подоцна во XIV век српскиот крал Милутин (1282-1321), царот Душан и неговиот син Урош се споменуваат во повелбите што ги издал Душан, како донатори на манастирот Трескавец.
Манастирот Трескавец се смета дека е подигнат во XIII век, а обновен, веројатно за време на кралот Милутин. По се изгледа, манастирот претрпел урнување и запустел во првите години на XV век, поради што дошле и подоцнежните обновувања.
Денешната црква во основата цма форма на еднокорабна градба, чија внатрешност е расчленета со пиластри на неколку полињатраеви. Централниот дел е надвишен со купола, а на исток е олтарната апсида која однадвор е тространа. Кон јужната страна на црквата била градба пирг со приземна капела, што може да се види од зачуваниот западен ѕид на таа градба, кој всушност е источен ѕид на денешниот трем. Не е познато како можел да биде подигнат северниот параклис, но неколкуте сонди направени на овој дел од црквата покажаа дека под дебелиот слој малтер ѕидовите на параклисот, освен сводот, се покриени со фрески. Тоа покажува дека северниот параклис е живописан, веројатно, во XIV век.
Во XIV век, кон западниот дел на црквата е подигната припрата со две кули што се надвишуваат со куполи, додека во поново време (XIX век) е изграден трем од западната и јужната страна на црквата.
Живописот во црквата е од повеќе временски периоди. Најстари фрески го исполнуваат просторот во двете кули, со илустрација на календарот и светци со цел раст, насликани во првата зона. Овие фрески му припаѓаат на времето од првата половина на XIV век, а ктиторските портрети насликани на источниот ѕид во јужниот трем, од втората половина на XIV век.
Од првите децении на XV век (1431) на манастирската црква и припаѓа и ликот на Богородица, насликана во нишата на јужната врата што води кон наосот на црквата.
Кон крајот на XV век, наосот на црквата бил исполнет со фрески изработени од рака на добар мајсторзограф. Овде е интересно да се напоменат особено фреските од првата зона, со насликани стоечки фигури во цел раст, каде што светите воини се облечени во благородничка облека и раскошни капи на главите, за разлика од вообичаеното нивно претставување со воена облека и вооружување.
Врз основа на зачуваниот натпис во олтарот се гледа дека во 80-тите години на XVI век олтарната апсида била реставрирана и живописана од средствата на Стојан Хранчев, кој исто така се споменува во текстот. Кон средината на XIX век (1849) од крушевски зографи зографисана е слепата калота и западниот ѕид во наосот.
Покрај ова, манастирот Трескавец поседува и вредни уметнички предмети како што се: двокрилната врата работена во плитка резба од XVI век, царските двери од XVI век, крстот космитос од XVII век, работен во резба, како и една певница работена во инкрустација. Внатрешниот амбиент на црквата го надополнуваат и бројните празнични икони, како и икони на апостолите во два реда кои потекнуваат од крајот на XVII век, или почетокот на XVIII век.
Во XIX век околу манастирската црква се подигнати конаци од приходите на прилепските занаетчииеснафи. Во дворот на манастирот се наоѓа и трпезарија со остатоци на фрески од XVII и XIX век.