Free Web Hosting Provider - Web Hosting - E-commerce - High Speed Internet - Free Web Page
Search the Web

СВ. \ОР\И - С. КУРБИНОВО

Во подножјето на планината Пелистер, северно од селото Курбиново, се наоѓа старата црква посветена на св. Горѓи.

Според откриениот натпис во 1958 година, на западната страна од чесната трпеза, испишана на стар грчки јазик, се дознава дека црквата е живописана во 1191 година. Други пишани документи, или податоци за историјата на црквата кога е подигната, кои се ктиторите, кога е напуштена и кога ги доживува преправките не постојат.

Црквата Св. Ѓорѓи, по својот архитектурен изглед, е еднокорабна и мала по димензии, со полукружна апсида однатре и однадвор. По мислењето на некои научни работници, судејќи според распоредот на живописот на источната и западната страна, црквата можеби има отворена покривна конструкција, иако не е исклучена можноста дека таа била засводена.

Црквата Св. Ѓорѓи е градена од кршен камен, и земено во целина таа дава изглед на градба со сиромашна и неугледна надворешност. Меѓутоа, орнаменталнодекоративните украси на архиволтите, фреските во нишите на западната, северната и на јужната страна, делумно изведените партии во имитација на тула, чии остатоци се јасно забележливи на западната фасада, зборува за еден стремеж ѕидните платна однадвор да бидат на извесен начин оживеани.

Со текот на времето, црквата доживува поголеми и помали оштетувања (пожар). Тогаш се оштетени поголемите партии од живописот на северната страна, во горниот дел на третата зона и најверојатно доаѓа до уривање на сводот. Судејќи по остатоците на фреските на јужната страна однадвор (кои датираат веројатно од XVII век) црквата подолго време била напуштена. Тогаш, се претпоставува, доаѓа до доѕидување на анекс од јужната страна, во чиј простор се наоѓа споменатиот живопис. Во XIX век црквата е порадикално обновена, а во првата четвртина на XIX век се направени:

дрвен таван, проповедална, заѕидани се северниот и јужниот влез, и отворени се двата прозорци на јужната страна. На западната страна е додадена затворена припрата.

На западната фасада, над нишата од влезот, се распознаваат остатоци од фрески на кои се наѕираат силуети на ликови во цел раст: женски од крајот на северната страна, машки во средината, облечени во царска облека. На јужната страна се наоѓа фигура облечена во облека на висок црквен достоинственик. Во секој случај, овде се работи за ликови за кои може оправдано да се претпостави дека се под прашалник, ктиторите на оваа црква. Не е исклучена можноста, црквата Св. Ѓорѓи да е задужбина на дворски луѓе.

Внатрешноста на црквата е живописана во три зони. Од зачуваните фрески се истакнуваат: Исус Христос, преТставен во монументално натприродна големина, св. Врачи^ св. Пантелејмон и св.Ана Млекопитателница (јужна страна), св. Горѓи, исто во натприродна големина, делува монументално (северна страна). Посебно се истакнуваат композициите: „Благовештение", „св. Архиереи" и „Вознесението Христово" (источна страна); „Среќавањето на Марија и Елисавета", „Раѓањето и крштевањето на Христос", „Воскресението Лазарево" (јужна страна); „Успението Богородичино", „Влегувањето во Ерусалим" и „Преображението Христово" (западна страна); „Распетието Христово", „Оплакувањето", „Ангел на гробот", „Слегувањето во ад" (северна страна); „Слегувањето на св. Дух" (западна страна). Во третата зона е претставен фриз на пророците (северна и јужна страна).

Но она што нас посебно не восхитува, што го подигнува значењето на овој споменик на културата од времето на комненовскиот период, е неговата фрескодекорација. За среќа, иако овој објект долго бил оставен на негрижа, на забот на времето, и претрпувал големи оштетувања, сепак неговите најубави остварувања се сочувани од натамошното пропагање.

Во светлината на досега познатите факти, фрескодекорацијата во курбиновската црква, може да се помести во кругот на оние сликарства во византиските земји кои својот најголем дострел го постигнале на фреските од 1164 година, во црквата Св. Пантелејмон во Горно Нерези, крај Скопје.

За разлика од пораното и подоцното византиско сликарство, она од XI или она од XIII век, сликарството што му припаѓа на групата околу Нерези (неколку цркви во Костур во денешна Грција, потоа Св. Никола во с. Варош крај Прилеп, Св. Пантелејмон во с. Горно Нерези, а донекаде и Ѓурѓеви Стубови, кај Нови Пазар) се карактеризира со вознемирен и нагласен цртеж, кој ја истакнува и нагласува живоста на сликаните фигури и композиции. Компликуваните драперии, истакнатите форми на лицата и телата, еластичноста на фигурите му даваат на ова сликарство силно, индивидуално обележје и посебност, во усогласениот тек на византиските сфаќања за сликата.

На сите овие посебности во сликарството на нерешката група, фреските во Курбиново му додаваат уште една понагласена нота. Таа е, пред се, многу видлива во сликањето на драпериите. Барокно разиграни, испреплетени, извиорени набори и превои на драпериите на некои од фигурите на фрескоживописот се така бравурозно изведени, што сами за себе претставуваат цел и му даваат печат на целиот насликан ансамбл. Вознемирениот цртеж понекогаш е потенциран и со стројноста на фигурите кои спонтано асоцираат на подоцнежните мајстори од раната и висока ренесанса Ботичели и Ел Греко (Благовештение).

Во споредба со фреските од другите споменици од овој период, овие во старата црква Св. Ѓорги изгледаат, барем во еден свој дел, погруби и поекспресивни, и со една недостатна колористичка префинетост и неостварена пропорционалност.

Имајќи ги предвид неусогласеностите во уметничките и ликовните постигања, стои мислењето дека во курбиновската црква работеле повеќе мајстори, дека станува збор за сликарска група во која главниот мајстор, како што обично станува, му дава посебен тон. Можеби главниот мајстор е долгогодишен соработник на зографите во Нерези, каде што стекнува големо искуство и ја совладува техниката на фрескосликарството.

Ако фреските во Курбиново и припаѓаат на една сликарска школа, што со помалку или повеќе успех ја исполни со својата работа втората половина на XII век, на територијата што се простира од Костур до Ѓурѓевите Стубови не ќе може да се рече дека тие од Курбиново се најзначајни. Меѓутоа, некои одделни композиции, како што е „Благовештението", фигурите од олтарната конха, Исус Христос на јужниот ѕид и др., спаѓаат меѓу најубавите остварувања на византиското сликарство во нашата земја.