Free Web Hosting Provider - Web Hosting - E-commerce - High Speed Internet - Free Web Page
Search the Web

МАНАСТИРОТ СВ. НАУМ

Манастирот Св. Наум е изграден на висока карпа, над самото Охридско Езеро, на најјужната негова точка, во една месност со ретка природна убавина. Подигањето на овој манастир е сврзано со името на Наума, Климентовиот соработник. Наум, пред крајот на својот живот, го основал манастирот Св. Архангел и во 910 година во него е погребан.

Во 1955 година, извршени се испитувања врз архитектурата на црквата од страна на проф. Димче Коцо, чии резултати фрлија нова светлина за историјата на манастирската црква. Притоа се откриени темелите и делови на ѕидови, зачувани во фундаментите, од првобитната манастирска црква Св. Архангел, што ја подигнал Наум. Врз основа на добиените податоци е установено дека Наумовата црква имала форма на триконхос (детелина со три листа) и имала нартекс. Таа, по својот план и облик била скоро идентична со црквата Св. Пантелејмон во Охрид. Подоцна, во непознато време, Наумовата црква била потполно урната. Во турскиот период (можеби во XVI век) на нејзините темели е подигната сегашната црква и тоа во две етапи. Отпрвин, при обновувањето, се изградени наосот и нартексот, а во втората, двете куполи над наосот и нартексот. Сегашната црква ги носи преправките, и таа има форма на впишан крст во квадратно пространство со купола, поставена на четири столбови. Над нартексот е додадена слична купола со висок тамбур. Гробницата на Наум, свртена кон југ, е посебна зграда со широка и ниска купола.

Ѕидовите однадвор во долните делови се од делкан камен, а куполите се градени исклучиво од тули.

При изведувањето на конзерваторските работи во 1962 година, повторно се вршени испитувачки работи врз архитектурата (од проф. Димче Коцо, проф инж. арх. Борис Чипан и Антоние Николовски). Притоа се добиени повеќе елементи и податоци кои уште повеќеја потполнуваат сликата за историјата на Наумовата црква, односно денешната црква од турскиот период. Имено, недвосмислено е дека западната фасада на денешната црква во горниот дел има форма на калкан кој завршува со запчест венец. Запчестиот венец продолжува најужната, односно северната страна. Податоците исто така укажуваат дека капелата со гробот на Наум не е современа со обновувањето на црквата од турскиот период. Изгледа дека таа отпрвин имала од јужната страна помало светилиште пандан на тоа од северната страна. За време на игуменот Стеван, светилиштето е проширено (1799). Најверојатно, тогаш, гробот на Наума е преместен кон север за создавање на погодна комуникација, При проширувањето на Наумовата капела, уништен е запчестиот венец од јужната страна од црквата. Трибилонот, пак, претставува засебна архитектонска целина, која не е во органска врска со додадените архитектонски делови (неидентификувана градба од северната страна), капелата со гробот на Наума кон југ и нартексот кон запад.

Од постариот слој на живописот, кој настана при обновувањето на црквата, има зачувани траги во нартексот на западната страна и зад столбовите до самите агли.

Во натписот, што се наога над западниот влез однатре се споменува дека живописувањето на црквата (со нартексот) станало, за време на игуменот Стеван во 1806 (завршено на 6 септември). Тогаш е живописана и капелата со Наумовиот гроб. Сета фрескодекорација е дело на „зографот Трпо, син на зографот Константин од Корча". Црквата има иконостас изработен во резба во 1711. Во истата година, зографот Константин, таткото на зографот Трпо, работи иконостасни икони престолни (Исус Христос, Богородица, Собор на архангелите) и празнични, меѓу кои се истакнуваат „Распетие Христово" и „Влегувањето во Ерусалим". Иконите од иконостасот на манастирската црква се вбројуваат меѓу најдобрите остварувања од првата половина на XVIII век кај нас.

По пожарот од 1802 година, дел од конаците се обновени.