Free Web Hosting Provider - Web Hosting - E-commerce - High Speed Internet - Free Web Page
Search the Web

МАНАСТИР СВ. ЈОВАН БИГОРСКИ

На главниот пат Гостивар - Дебар, на два километри од селото Ростуша, се одделува спореден пат во должина од еден километар, кој води во манастирот Јован Бигорски. Патот опкружен со шума и карпи од бигор (по кој и го добил името бигорски), се искачува благо по ридот и завршува покрај главниот влез на манастирот.

Манастирот се наога во еден од ретко убавите предели познати по своите природни убавини. Изграден е на падините на планината Бистра, опкружен со бујна шума, а под него во непосредна близина течат бистрите води на река Радика, богата со разновидна риба, а најповеќе со пастрмка.

Од манастирот се простира прекрасен видик кон планината Кораб, со нејзините врвови Мал и Голем Крчин, како и кон живописните села Ростуша, Велебрдо, Битуше и Требиште, сместени во нејзините предели богати со шума и ливади. Тука, во непосредна близина се и селата Тресонче, Гари, Осои, Галичник и Лазарополе, места каде што се родила една плејада резбари и зографи од XVIII и XIX век. За овие села врзани се и имињата на познатите копаничари Петре Филиповски наречен „Гарка" и Макарие Фрчковски, автор на иконостасот во црквата Св. Спас во Скопје, манастирската црква Гаврило Лесновски и манастирот Јован Бигорски.

Манастирот Јован Бигорски го чинат значаен не само неговиот убав иконостас работен во резба, туку и добро зачуваните манастирски конаци, дело на мајсториѕидари од овој крај, кои во тоа време оделе во тајфи како зографи, резбари, иконописци и мајсториѕидари. Манастирската црква, по се изгледа е изградена врз темелите на некоја постара црква. Таа се споменува во зографскиот поменик (1527-1728). Врз основа на манастирскиот поменик препишан во 1833 год. манастирот бил основан во 1021 година, кога била насликана и старата икона на св. Јован Претеча, како што е образложено и во нејзиниот натпис. Меѓутоа, тоа е предание кое веројатно се појавило не порано од обновувањето на манастирот во XVIII век. Од ова може да се заклучи дека поменикот не знае ништо друго за животот на манастирот до 1743 година, освен дека при доаѓањето на Турците манастирот бил разорен, а било запалено само едно црквиче.

Денешната манастирска црква е огромна по своите димензии. Има голема купола и камбанарија. Подигната е во XIX век, во исто време е и живописана. Градена е од тесни блокови од бигор и покриена е со стари керамиди. Внатрешноста на црквата е исполнета со фрески и дрвен намештај. Фреските во големата полукалота на куполата се од XIX век и дело се на Дичозографот. Другите фрески кон западната страна на црквата, во помалата полукалота, се работени исто во XIX век, но од далеку послаб зограф. Внатрешноста на црквата ја исполнуваат: иконостасот во резба, балдахинот во олтарот, голем број икони, владичкиот престол, амвонот, столовите, певниците и др.

Во тремот на црквата се наоѓаат фрески од XIX век. Првата зона ја исполнуваат светци испосници, додека втората зона композицијата „Страшниот суд" и сцени од животот на Адам и Ева. Овие фрески се конзервирани и ретуширани.

Според В. К'нчов, Синанпаша, везир кај султанот Селим I (1512-1520), го псуѓурчил населението околу Шар Планина и го разорил манастирот. Ако се земе за точна оваа претпоставка, тогаш треба да се прими мислењето дека манастирот бил обновен и пак разрушен и опустошен.

Во 1743 година, се вели во манастирскиот поменик, јеромонахот Иларион го обновил манастирот и изградил неколку ќелии. Подоцна во 1800 година, монахот Митрофан се погрижил црквата даја обнови и да направи поголема. Во 1812 година, наследникот и ученикот на' Митрофан архимандритот Арсение, ги проширил манастирските згради северно од црквата, а во 1825 година ја изградил и манастирската трпезарија.

Манастирот Јован Бигорски на јавноста и е познат по убавиот иконостас во резба. Иконостасот е изработен меѓу 1830-1840 година, од прочуените мајстори Петре Филиповски и Макарие Фрчковски. Макар и спротивно на црковните канони, споменатите мајстори не пропуштиле и овде, како и на иконостасот во црквата Св. Спас во Скопје, да ги претстават во резба своите ликови. Интересна е сцената каде што се прикажани авторите, во која Петре Филиповски, како главен мајстор, е претставен во став на размислување, а другите како изведувачи.

Иконостасот по својата конструкција е поделен на шест хоризонтални полиња. Основата е составена од правоаголни полиња исполнети со орнаменти од растителниот и животинскиот свет. Од основата се издигаат повеке четвртасти столпчиња, кои во горниот дел завршуваат со фигура на орел со раширени крилја. Меѓу нив просторот е исполнет со правоаголни плочикитабиња, а над нив се наогаат престолните икони. Третиот појас е разделен на три хоризонтални фризи во кои на првиот се симетрично распоредени ангели, вториот е со гроздови и гранки од винова лоза, а третиот е украсен со гиранди од акантови лисја. Над нив следуваат два реда икони, од кои првиот ги илустрира празниците, а вториот ред ги претставува апостолите. Најгорниот дел од иконостасот е акраторијата. Во срединаtа се наоѓа голем крст со орнаментирана бордура, на што е претставено „Распјатието Христово". Лево и десно од крстот има по една фигура на змеј, од чии усти вертикално се издигаат иконите на св. Јован и св. Богородица, поставени во орнаментирани рамки.

Иконостасот во манастирската црква Св. Јован Бигорски претставува извонредно уметничко остварување на мајсторот Петре Филиповски. Начинот на обработката на иконостасот, богатството на фигурите и композициите со мотиви од Стариот и Новиот завет, го поставуваат овој иконостас во редот меѓу најдобрите достигања на резбарството во Македонија.

Убавината на манастирскиот комплекс ја надокнадуваат и старите конаци заедно со трпезаријата. Тие се изградени кон крајот на XVIII век и почетокот на XIX век. Големиот конак кој се состои од приземје и два ката, со пространи чардаци и голем број одаи, служел за живеење на калуѓерите. Некои од одаите украсени се со убаво обработени дрвени тавани и розети во резба. Повеќето од одаите биле опремени со вградени долапи, полици, комори, камини и сл. од кои голем број подоцна се заѕидани.

Просториите во приземјето биле наменети и користени за чување на вино, ракија, млечни производи, зимница, кујна (која подоцна била преправена во фурна), просторија за чувар, бавчанџија и др. На првиот кат, околу просторниот чардак, поредени се калуѓерските ќелии. На истиот кат, во северниот дел, се наоѓа поголема просторија со дрвен таван, наречена „Селечка одаја" (името доаѓа од селото Селце Охридско, чии жители дале свој прилог за градење на две простории, кои ги користеле за време на манастирските собори). Оваа просторија подоцна е преградена од која се добила една тесна и темна испосничка ќелија. Од просторијата која се наоѓа на југоисточното ќоше, преку капицик се излегува во манастирската шума, а преку отвор на таванот се искачува во владичката одаја.

На вториот кат се сместени калуѓерските одаи, игуменската одаја со манастирскиот архив, манастирската ризница и владичките одаи. Покрај овие одаи, на северниот дел се наоѓаат две подоцна изградени простории, наречени „Галички одаи", кои своето име го добиле од исти причини како и „Селечките одаи".

Западно од овој конак е изградена трпезарија која се состои од просторија за ручање (со капацитет за околу 200 души). Манастирската трпезарија е денес најрепрезентативна зграда во манастирскиот комплекс. Покрај интересниот таван работен во резба, трпезаријата поседува и фрески од XIX век со повеќе композиции, особено во источниот дел. Во трпезаријата се зачувани првобитните маси и столови коишто служеле за ручање. До трпезаријата се наоѓа гостинска одаја наречена „Дебарска голема одаја" и чардак со амбари кои порано биле под подот на чардакот. Под главната просторија за ручање (трпезаријата) се наоѓа уште една трпезарија наречена „Женска трпезарија", која за време на манастирските обреди се користела за иста намена (ручање). Под „Дебарската голема одаја" се наоѓа една просторија со убаво зачуван таван, наречен „Селечка одаја".

Меѓу трпезаријата и конакот е манастирската фурна која работела исклучиво за време на манастирските собори, додека на катот се наоѓа мала постојана фурна која служела за потребите на манастирските луѓе.

Како одвоен објект од конаците и трпезаријата е „Момачкиот конак", кој служел за спиење на манастирските момци, што му слу

желе на манастирот. Овој конак се наоѓа источно од манастирската трпезарија, а како градба не е толку атрактивен.

Западно од „Момачкиот конак" се наоѓа сејменската кула, која служела за одбрана на манастирот од кражби. Тука живееле вооружените сејмени платени од манастирот за негова безбедност.

Новиот манастирски конак, кој се наоѓа кај главниот влез во манастирскиот двор, по својата архитектура бил сличен на стариот, но во 1912 година бил уништен од нарочно предизвикан пожар. Обновен е во 1926/27 година.

Во централниот дел на манастирскиот комплекс, до самата црква, се наоѓа и костурница, која по својата архитектура и заедно со другите згради се вклопува во општиот амбиент на манастирот.

Десно од влезот на манастирот, како и пред црквениот трем, се наоѓаат чешми со пивка и ладна, планинска вода.

Повеќе години Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата врши конзерваторскореставраторски работи на манастирскиот комплекс, особено на старите конаци со трпезаријата.