МАНАСТИР МАТКА С. ГЛУМОВО
На левиот брег на реката Треска, онаму каде што таа избива од стрмниот и непрооден теснец во Скопското Поле, во близина на селото Глумово, се наоѓа манастирот Матка со црква посветена на св'. Богородица. Манастирот, па и целиот овој предел, не е точно познато како го добиле името Матка. Може да се претпостави дека црквата на манастирот, поточно самиот манастир, бил централен (матичен) за повеќе цркви, манастири и монашки скитови што се наоѓале во овој дел од теснецот на реката. Имало и бројни цркви и монашки ќелии распрснати по средниот и горен тек на реката, особено во средниот век, но подоцна тие биле напуштени и речиси наполно запустеле.
Црквата на манастирот Матка веројатно ја подигнал Бојко, синот на властелинката Даница, ктиторка на црквата Св. Никола во с. Љуботен, во XIV век. Во натписот на љуботенската црква од 1337 година се споменува дека синот на „госпоѓа Даница, Бојко, бил господар на Матка" што не ја исклучува можноста дека уште тогаш постоела црквата на манастирот Матка.
Во натписот над влезната врата од 1497 година се споменува некоја Милица, што ја нашла откриена црквата, ја препокрила, ја живописала, подигнала припрата и купила лозје за манастирот. Во натписот се споменува и некој Тошник со синот Никола и митрополитот Атанасие.
Поправки на црквата изведени се во крајот на XIX век.
Црквата има форма на стеснет впишан крст. Над средниот дел се издига осмострана купола, со четири прозорци и четири слепи ниши, која се потпира на пиластери. Олтарната апсида од надворешната страна е тристрана. Фасадите на црквата се оживеани со лизени, а за да се добие поголем простор за сликање во внатрешноста на црквата, прозорците се мали и високо поставени.
Живописот потекнува од крајот на XV век, и ги носи сите карактеристики на живописот од турскиот период, а во споредба со живописот на блискиот Св. Андреа претставува опаѓање.
Во внатрешноста се распознаваат пет зони на живописот: фигури во цел раст, во медалјони и композиции од Христовите страдања и Големите празници. Во приземната зона на западниот ѕид, насликани се ктиторите Милица и Никола во граѓанска облека. Зографот на живописот ни се претставува како слаб сликар со нечист колорит и непрецизен цртеж. Што се однесува до иконографските подробности, тој честопати не води сметка за вообичаениот ред во прикажувањето на сцените.
Денес до манастирот Матка, излетничкото место на скопјани, води асфалтен пат, а во неговата близина подигнати се и мали угостителски објекти.