МАРКОВ МАНАСТИР
Во долината на Маркова Река, во непосредна близина на селото Сушица Скопско, се наоѓа Марковиот манастир со црква посветена на св. Димитрие. Марковиот манастир го сочинуваат повеќе згради наредени како венец околу црквата. Меѓу нив посебно значење има старата трпезарија. Во пространиот двор се наоѓа длабок бунар со ладна вода.
Манастирот посветен на св. Димитрие го добил името Марков манастир по својот во народот популарен ктитор, кралот Марко, За времето на неговото ѕидање зборува еден зачуван натпис кој е испишан над јужната врата од внатрешната страна на црквата. Во натписот, покрај другото, се вели дека црквата била изградена во 1345 година, обновена подоцна од кралот Волкашин, а наполно завршена и живописана од неговиот син, кралот Марко (мегу 1366 и 13712 година).
И покрај тешките денови што настапиле со заземањето на земјата од страна на османлиите, манастирот се одржал и во него се одвивала значителна дејност, посебно во почетокот на XIX век, кога во манастирот престојува како негов игумен Кирил Пејчиновиќ, познат по својата книжевна дејност.
Основата на црквата покажува форма на впишан крст во правоаголно пространство, со купола што се издига над централниот дел, носена од четири камени столбови. Нартексот е одделен со троделен отвор од наосот, а во неговиот горен дел се наоѓа слепа калота, јасно назначена и видлива на покривот. Црквата е ѕидана од делкан камен и тули кои се изведени во интересни шари особено на олтарната апсида, во десетте декоративно изведени ниши.
Кон црквата, од јужната страна, во подоцнежен период додадена е просторија во вид на параклис кој служел за крштевање и е изграден од слаб материјал. Во време на конзерваторските работи овој параклис е срушен и на тој начин е отворен поглед кон јужната фасада, на која во XIV век биле изведени портрети на ктиторите. Од западната страна на црквата, во 1830 година, изграден е отворен трем ѕидан од делкан камен. Средства за градба дал Хамзипаша Скопски. Во врска со градењето на отворениот трем постои и легенда во која се раскажува за причините што го навеле пашата да доѕида трем на еден христијански храм. Камените блокови за тремот биле сечени во близината на село Макреш Кумановско.
Меѓу зградите на конаците се наоѓа старата трпезарија која има форма на еднокорабна црква со апсида на северната страна. Ѕидовите на трпезаријата биле покриеуи со фреско живопис, кој многу настрадал поради фактот што трпезаријата долго време прокиснувала. Во приземјето на оваа зграда се наоѓала магарницата (кујната) и други екон&мски простории.
Внатрешноста на црквата е живописана, а живописот распореден во повеќе зони. Во првата зона насликани се светители во цел раст меѓу кои, на северниот ѕид, биле насликани и портретите на ктиторите. Меѓутоа, овие ликови се оштетени па е тешко да се констатира кого претставуваат. Втората зона ги опфаќа композициите што го илустрираат акатистот на св. Богородица, а другите зони животот, чудата и страдањата Христови, дванаесетте „Големи празници" како и сцени од животот на св. Никола и патронот на црквата св. Димитрие.
Во живописот на Марковиот манастир лесно се издвојуваат рацете на повеќе сликари со различни можности и сфаќања. Во врска со тоа во литературата постојат и различни мислења. Според едни, третата зона на живописот е работена од зографи, претставници на монашките сфаќања во илустрирањето на Христовиот живот. Според други, третата зона и нејзиниот живопис се резултат на послаби мајстори. Неоспорен е фактот дека живописот на црквата од Марковиот манастир е дело на повеќе раце, на што укажува и подеталната стилска анализа. Меѓутоа, тенденцијата за наративно прикажување и оживување на сцените со значителна доза на драматизам се главните обележја скоро на сите зографи што го изведуваат живописот во црквата.
Најголеми можности покажува зографот кој ги работи горните партии на сводовите и во куполата. Неговиот цртеж е прецизен, а колоритот богат, полн со топли тонови. Во последно време, по конзерваторските работи, на еден од столбовите во црквата откриено е едно име за кое се смета дека му припаѓа на еден од зографите што ја живописувале црквата. Името Маниша, навистина, би можело да му припаѓа на некој од зографите, или бројните калфи и чираци, кој ја искористил можноста да го запише своето име.
Меѓу композициите, во кои на реалистичен начин е прикажана една тешка човечка драма, посебно место зазема „Плачот на Рахела".
Ако од портретите насликани на северниот ѕид во црквата останале само незначителни фрагменти, од портретите насликани најужната фасада на црквата, над влезната врата, зачуван е целиот ансамбл. Од десната страна, во цел раст е прикажан кралот Марко, облечен во кралска облека, во боја на печен окер, украсена со бисери и бесценети камења. Тој во левата рака држи развиен свиток на кој е испишан текстот: „Во Христа Бога благоверен крал Марко, го соѕидав и попишав (живописав) овој божествен храм." Од другата страна над вратата во цел раст е претставен кралот Волкашин, но неговото лице и облека прилично се оштетени. Во рацете и тој држи свиток на кој се споменува неговото име. „В Христа Бога благоверни крал Волкашип...."
Првобитниот иконостас на црквата наполно е зачуван. Тој се состои од камени столбови со капители кои се орнаментирани, со што потсетува на камените иконостаси на црквата Св. Пантелејмон во Нерези, или Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане. Дел од старите икони се зачувани, меѓутоа, тие биле пресликани во периодот на XIX век. Поради фактот што е констатиран стариот слој на иконите, тие денес се наоѓаат во конзерваторската работилница на Градскиот музеј, каде што ќе биде отстранет горниот слој и повторно ќе ги добиеме старите ликови на иконите од Марковиот манастир. За овие во овој момент е тешко да се каже од кој период потекнуваат, но нема да се изненадиме ако тоа бидат навистина првобитните икони од манастирот, работени од истите зографи како и живописот во црквата.
До Марковиот манастир денес води асфалтен пат.