Free Web Hosting Provider - Web Hosting - E-commerce - High Speed Internet - Free Web Page
Search the Web

ЛЕСНОВСКИ МАНАСТИР

Меѓу Кратово и Злетово, во селото Лесново, се наоѓа истоимениот манастир со црква посветена на Архангел Михаил и „пустиножителот" Гаврило. Црквата ја подигнал во 1341 година очувот на цар Душан, последниот моќен деспот Јован Оливер, господарот на Овче Поле и Лесново. Оливер ја подигнал црквата на темели од постара црква, што постоела уште во времето на Гаврил Лесновски, чии мошти едно време биле тука закопани, а подоцна пренесени во Бугарија, во трновската црква Св. Апостоли.

Се до 1347 година, овој манастир имал степен на игуменија, кога цар Душан го издигнал на степен на епископија, одредувајќи го за седиште на новооснованата Злетовска епископија. Во 1558 година вршени се поправки, кога е подигната и надворешната припрата на местото од поранешната припрата што била од дрво. Во XVII век, околу црквата биле подигнати ќелии и трпезарија, чии остатоци се гледаат меѓу конаците од XIX век. Низ целиот среден век, па и подоцна, Лесновскиот манастир играл видна улога како центар од каде што се ширела словенската писменост. Во XVIII век тука постоела и школа.

Основата на Лесновската црква има форма на рамнокрак крст впишан во правоаголно пространство, кој јасно се изразува и во надворешниот изглед на архитектурата. Куполата е изградена на четири јаки столбови со правоаголен пресек. Олтарната апсида од надворешната страна е шестострана, со агли маркирани со колонети, од кои средната се поклопува со главната оска на црквата, и го предочува исток. Нартексот на црквата е изграден нешто подоцна (1349) и тој има купола по угледот на црквата. Живописноста на фасадите е зголемена со слепи аркади кои во горниот дел се орнаментирани.

Треба да одбележиме дека некои учени, интересирајќи се за живописот на манастирската црква, констатирале уште порано дека бил дело на повеќе автори. До пред неколку години не беа пронајдени имињата, ниту беше фиксиран бројот, и не беа обработени карактеристиките на секоја рака. Во 1962 година, по конзерваторските работи во црквата, беа откриени имињата на тројца од четворицата зографи кои работеле на живописувањето во оваа црква. Тоа се Севасто, Марко и Михаил и четвртиот, секако главниот мајстор, кој исто така се потпишал, но за жал, дел од неговиот потпис во кој се наоѓало името е наполно уништен.

Премногу е тешко, до откривањето на други податоци, да се установи на кој автор му припаѓа одредена група фрески во црквата, иако се воочливи разликите помеѓу одделни групи. Можноста за релативно одредување ја одзема фактот што имињата се испишани врз цоклата, а не и на поодделни фигури, како што е случај, на пример, со потписите на прочуени те средновековни зографи Михаил и Евтихие. Но, и во ваквите случаи, одредувањето е многу тешко и проблематично. Иако сме убедени во релативноста на овој метод, сепак, немајќи друга можност, ќе го прифатиме случајот со непознатиот зограф кој се потпишал на ногата од св. Горѓи. Анализирајќи ја фигурата на св. Ѓорѓи, доаѓаме до следните констатации:

Непознатиот зограф има вонредно прецизен, чист цртеж, иако на места по малку тврд. Формите на неговите фигури не ги опкружува еднобојна линија, така што добиваат одредена пластичност. Драпериите на скапоцените облеки, во кои ги облекува фигурите, се лесни и слободно паѓаат. Тој се покажува како голем љубител на орнаментот што го изработува со цизелерска вештина и умешност. Облеките тежат од богати украси. Со големо внимание, многу доследно ги украсува и предметите, мечовите, стрелите, лаковите и копјата не пропуштајќи ниеден детал.

Настојувајќи да ги приќаже поимпресивни лицата на светителите, на образите изведува црвени петна. Стилската анализа овозможува да му ги припишеме, меѓу останатите, и овие фигури и композиции: „Архангел Михаил", портретот на ктиторот, „Деспотот Јован Оливер", „Архангел Михаил ѓо спасува Цариград од Сарацените", „Болните од краста", „Успение на св. Богородица" и други.

Ракописот на еден од зографите, чии имиња ни се познати, да претпоставиме на Севасто, исто така лесно се распознава меѓу другиот живопис. Неговиот цртеж, за разлика од цртежот на претходниот зограф помалку е прецизен, дури би се рекло груб. Формите ги опкружува дебела, црна линија. Облеката на светителите делува несмасно и тешко. Осветлувањата зафаќаат поголеми површини од драпериите. На извесни места, како што е на пример композицијата „Воскресение Лазарево", е воочливо груба изокефалија. Инкарнатот на лицата е темен. На овој зограф му припаѓаат евангелистите Матеја, Марко, Јован и Лука, композицијата „Јудиното предавство", „Водењето кон крстот" и други сцени. Третиот зограф е близу по своите можности до претходниот. Но, неговите фигури иако груби, дејствуваат импресивно. Во неговата работа воочливо е дека се служи со картони. Некои фигури, еднаш насликани, се појавуваат повторно под други имиња, и тоа со сосема незначителни измени. Неговиот инкарнат е светол. На овој зограф му припаѓа повеќе од една петина од целокупниот сликан простор во црквата. Негови се композициите „Лекување на слепиот", „Христос ги истерува трговците од храмот", повеќе фигури на столбовите од втората и третата зона.

Како релативно најслаб зограф од оваа група е четвртиот. Неговиот цртеж е послаб, формите ги опкружува дебела линија. Тој работи на еден сосема мал простор во црквата.

Живописот во нартексот, работен во 1349 година, зазема исто така видно место во средновековната уметност во Македонија. Меѓу композициите што го илустрираат животот на Христос и делата на светците, особен интерес предизвикуваат сцените што ги илустрираат Псалмите Давидови. На мечот од архангелот Михаил е испишано името'Михаил. Во литературата често ова име се споменува како име на зографот што го живописал нартексот. Посебно место во оваа црква заземаат портретите на цар Душан, неговата жена Елена, ктиторот Оливер и Оливерина, како и на строгите, достоинствени злетовски епископи. Лесновскиот портрет на цар Душан со царицата Елена спаѓа меѓу најмонументалните портрети од средниот век. За првпат во оваа фреска се појавува Христос како „венцоделител", додека порано тој чин е вршен преку ангели. Овде се забележува и една општа карактеристика за средновековното сликарство, а тоа е што портретите на жените донекаде се идеализирани и предадени како секогаш да се млади и убави.

Во црквата се наоѓал стар иконостас кој по својата форма секако бил сличен на познатите иконостаси од црквата Св. Димитрија во Марковиот манастир, или во црквата Св. Богородица Перивлептос во Охрид. Иконостасот е отстранет во 1814 година, кога бил изграден големиот копаничарски иконостас, кој денес се наоѓа во црквата. На стариот иконостас се наоѓале четири места за престолни икони. Но, од нив до нас стигнала само една, и тоа иконата на св. Богородица со Христа. Иконата е многу оштетена, така што е тешко да се каже дали е дело на зографската тајфа што ја живописала црквата во 1341 година. Меѓутоа, без сомнение, иконата му припаѓа на периодот од XIV век. За Лесновската црква биле изработувани икони и во XVII век. Од нив се зачувани две, работени од раката на еден засега непознат зограф. На првата е насликана св. Богородица Троерачица со повеќе светители, а на втората Исус Христос, исто така со повеќе светители. Иконите се датирани во 1626 година. Денес се наоѓаат во Археолошкиот музеј во Скопје. На копаничарски изработениот иконостас се наоѓаат повеќе икони, дело на зографи кои работеле во XIX век. Меѓу нив ќе ги споменеме двете икони со ликовите на словенските просветители Кирил и Методија работени по една боена литографија во периодот по 1870 година, како и иконата „Погребението Христово", дело на познатиот зограф Димитрие АндоновПапрадишки. Меѓу иконите се наоѓа и една што, секако, била насликана во Св. Гора. На неа е претставена св. БогородицаУмиление, како и повеќе композиции меѓу кои најинтересна е една на која е прикажана панорама на монашкиот скит посветен на св. Ана, скит во кој и денес постои зографска монашка тајфа, која слика исклучиво икони.

Зборувајќи за подвижниот црковен инвентар, потребно е да нагласиме дека од стариот намештај до нас стигнале: еден литургиски налоњ работен кон крајот на XVII век, еден пулт за икони од првата половина на XVII век и една певница од почетокот на XVII век. Сите три дела изработени се во техника инкрустација со коска.

Посебно внимание привлекува копаничарски изработениот иконостас, дело на копаничарската тајфа предводена од Петре Филиповски од село Гари. Во врска со изработката на иконостасот и неговото точно датирање треба да го наведеме текстот на еден запис испишан со раката на Петре Филиповски врз една страница од Лесновскиот поменик. Овој поменик до Втората светска војна се чувал во Народната библиотека во Белград, а по бомбардирањето на Белград, бил уништен заедно со други драгоцени предмети и книги. Во поменикот, на едно место, се вели дека во 1808 година до 1811 година биле вршени поправки во манастирот, а потоа, дека во 1811 година отпочнала работата на дрвениот иконостас и дека бил завршен во 1814 година. Интересно е да се одбележи и тоа дека за иконостасот нарачувачите платиле 22 кеси и 11.000 гроша, и плус 1500 гроша други трошоци.

Ако ги споредиме трите иконостаса, дело на тајфата на Петре Филиповски од село Гари, ќе констатираме дека најсолидно и најситно е работен иконостасот во Бигорскиот манастир, а потоа иконостасот во црквата Св. Спас во Скопје. За разлика од погоре споменатИте иконостаси, лесновскиот е изведен во покрупна копаница, што секако било поврзано и со сумата која лесновските монаси можеле да ја одвојат за оваа работа. Но, и покрај тоа, иконостасот претставува значајно дело на нашите копаничари од првата половина на XIX век.

Околу манастирот се наоѓаат старите конаци. Денес тие се делумно разурнати. Се разбира конаците биле градени во етапи, но ниту еден дел од зградите не е постар од XIX век.