ЦРКВАТА СВ. ЈОВАН КАНЕО ОХРИД
Западно од рибарската населба Канео во Охрид, на височинката што косо се издига над езерото, се наоѓа црквата посветена на св. Јован Богослов. Нејзината положба на ова доминантно место, со широк видик кон југоисточната и северозападната страна од езерото, ни дава вонредно убав изглед.
За историјата на црквата не постојат пишани податоци, современи со нејзиното подигање и живописување. Во натписот зачуван на фрескомалтер од црквата Св. Константин и Елена во Охрид, се споменува една нива под селото Лескоец (недалеку од градот Охрид), како имот на црквата Св. Јован Канео, што се граничи со имотот од црквата Св. Константин и Елена. Со ова, се потврдува постоењето на оваа црква пред 1447 година датата кога е испишан натписот на црквата Св. Константин и Елена, како и со релативно раната појава на топономастичкиот назив на местото „Канео", каде што е прдигната црквата.
До денеска не е утврдено дали манастирската црква е подигната на постаро култно место.
Иако за црквата не постојат никакви сигурни историски податоци, нејзиниот живот може да се следи во општите историски рамки на развитокот, почнувајќи од крајот на XIII и самиот почеток на XIV век.
Во турскиот период може да се следи активниот живот на црквата Св. Јован Богослов, најверојатно до 1447 година кога се споменува имотот на црквата. Подоцна, манастирскиот живот постепено опаѓа, се напушта и доаѓа до делумно уривање на самата зграда (ниските сводови од сите четири агли). Се претпоставува, според најновите научни истражувања, дека прекинот на манастирскиот живот, во кој доаѓа и до запуштање на самата црква, трае подолго време, низ периодот на XVII, XVIII и XIX век. Тоа се докажува врз основа на годината 1676 што е забележана на најстарата икона во манастирот, и вдлабените записи врз фреските од олтарниот простор, што датираат од 1786 до 1827 година.
Во поновата историја се констатираат повеќе обнови на црквата. Кон крајот на XIX век се доѕидуваат четирите странични свода, се подигаат анексите од северната, западната и јужната страна (денес елиминирани); во 1889 година се поставува нов дрвен иконостас и се пресликуваат извесни партии на стариот живопис, додека во почетокот на XX век се сликаат со масни бои неколкуте светители и ликот на Богородица во полукалотата на главната апсида.
Старата црква има правоаголна основа со впишан крст во внатрешниот простор, единствена тространа апсида на источната страна и октогонална купола, што се потпира врз четирите правилни столаци со помош на пандантифи. Црквата е градена од обичен неделкан камен во долниот, и со наизменични хоризонтални и вертикални делови на делкан бигор и тула, во горниот дел. Се забележува и тенденција за керамопластични украсувања на изгледот на фасадите, поконкретно на апсидата, источната фасада и куполата. Интересен е податокот, што се однесува на архитектурното обликување во горнот дел од куполата, каде се поставени аглести фронтони на сите осум страни. Се прифаќа претпоставката за извесни ерменски влијанија во архитектурното обликување на црквата Св. Јован Канео, која во тој поглед претставува исклучок меѓу другите стари цркви во Македонија.
По долготрајната напуштеност на црквата, како последица е уништувањето на поголем дел од фрескодекорацијата. Најновите истражувачки работи открија нови фрески: странично од иконостасот, проскомидијата и во куполата. Во калотата од куполата е претставен до половина Исус Христос Седржител (Пантократор), а во самиот тамбур се претставени осум пророци во цел раст, групирани по двајца.
За распоредот на живописот во наосот може да се зборува врз основа на фрагментарно зачуваната декорација, односно врз основа на општото правило што е применувано во ова време во однос на иконографскиот репертоар. Така на пандантифите, сводовите и кружните тимпани биле насликани четирите евангелисти и извесен број на композиции од црковните празници. Под нив се живописани сцени од животот и страдањата на Христос, започнувајќи од јужниот ѕид на олтарот и завршувајќи со истото место од спротивната страна. Во приземната зона се насликани светци во цел раст. Подобро е зачуван ликот на св. Јован Богослов, патронот на црквата, претставен во цел раст, со зачувана сигнатура. Како пандан на фигурата св. Јован Богослов, е предаден ликот на Исус Христос Спасител, исто така во цел раст.
Во олтарната апсида е зачувана декорацијата во релативно добра состојба: „Причестување на апостолите", во горниот дел, под нив се претставени до половина архиереи во фронтални пози, кои продолжуваат и на северниот ѕид. Во долната зона се четирите свети отци во цел раст и други зачувани фрески во олтарниот простор.
Од иконографска гледна точка, живописот во црквата Св. Јован Богослов дава значајни податоци за историјата на средновековното сликарство во Македонија. Според иконографските одлики, живописот се поврзува со традициите од уметноста на Комнените, каков што е и живописот на црквата Св. Никола во с. Манастир од 1271 година и новооткриените остатоци на живопис во делумно разрушената црква Св. Константин од с. Свеќани Титоввелешко. Во оваа група фрески со слични ликовни концепции, според најновите научни мислења, се вбројува и вториот слој на живописот што се наоѓа во ѓакониконот на црквата Св. Софија во Охрид, и новооткриените фрески во западниот дел на црквата Св. Архангел во с. Варош кај Прилеп. На фреските од наброените цркви, во Канео посебно, се насетува извесна модификација на комненските елементи, што помага за поблиско определување на хпонологијата. Во поглед на хронологијата на овој споменик, извесни иконографски подробности, и распоредот на композициите, се укажува и на најблиските паралели со живописот од црквата Св. Богородица Перивлептос, подигната 1295 година.
Иконографските подробности што се сретнуваат на некои композиции и одделни ликови го чинат овој живопис мошне специфичен. Така двата ангели, невообичаено за византиската иконографија, се претставени во царска облека во композицијата „Причестување на апостолите".
Претставувањето на архитектурен декор во заднината на двете групи апостоли во истата композиција е мошне ретка појава во византиското сликарство од XII и XIII век. Со сликарската активност на Михаил и Евтихие (1295 г.), архитектурниот декор станува редовна појава во оваа композиција на територијата на Македонија, што значи дека и пред оваа дата може да се сретне овој елемент во композициите.
Од фризот на архиереите прикажани до половина, како претстава, карактеристичен за црквите во Македонија настанати во XIII и XIV век, се изделува ликот на светецот Сигниран со св. Климент, кој се идентификува со личноста на Климент Охридски. Имено, Климент е облечен во фелон, а не во архиерејски орнат, како што редовно се претставува овој словенски епископ на фреските во с. Манастир од 1271 год., Перивлептос во Охрид 1295 г., Старо Нагоричане 1316/18 г., Кралевата црква во Студеница 1314 г., Св. Богородица во Пеќката патријаршија и др. Од бројните портрети на словенскиот епископ Климент Охридски, неговиот допојасен лик во Канео се вбројува меѓу најстарите и преку него се има претстава за неговото прикажување во текот на XIII век.
Десно од св. Климент, до половина е претставен св. Еразмо. Постои мислење дека тоа не е случајно да бидат едно до друго ставени овие два лика. Активноста на св. Еразмо се поврзува со покрстувањето, а Климент Охридски се јавува во улога на прв словенски учител и просветител на христијанското население.
Посебно внимание привлекува личноста на Константин Кавасилас, претставен во цел раст во апсидата. Константин Кавасилас е позната личност во историјата на охридската архиепископија. Тоје поставен на престолот на оваа архиепископија од околу 1250 до шеесеттите години на XIII век, односно блиску по 1263 година, кога се споменува во натписот од охридската икона „Христос Седржител". Ликот на Константин прецизно е датиран со фреските во црквата Св. Богородица Перивлептос во Охрид (1295). Портретот на Константин е претставуван и во други цркви од XIV век (Мали Св. Врачи во Охрид и Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане), заради заслугите што ги има во охридската архиепископија. На фреските во Св. Богородица Перивлептос, Константин Кавасилас е прикажан до ликот на св. Климент (северниот ѕид од наосот) со што им е дадена голема почест како најзаслужни во закрепнувањето на автокефалната охридска црква.
Со стилската анализа, направена со најновите истражувања од страна на др. Петар Миљковиќ Пепек во 1964 година, живописот се сместува во хронолошките граници на седумдесетте или осумдесетте години од XIII век. Во византиското сликарство во XIII век се забележуваат повеќе ликовни струења, од кои конзервативното ликовно сфаќање се задржало со голема виталност, особено на територијата на Македонија. Сликарите од Канео, кои работеле во втората половина на XIII век, му припаѓаат на ова сфаќање, чија развојна линија може да се поврзе со традицијата која своите корени ги носи од XII век. Денес се смета дека со откривањето на новите споменици и продлабочените проучувања во овој домен, оваа група сликари коишто работеле во Канео имаат раширена творечка активност и надвор од Охрид. Активноста на мајсторите од Канео, во споредба со истата на другите современи мајстори во Македонија, може да се објаснува во светлината на една истакната уметничка личност по име Јован, како и на една друга истакната црковна личност ѓаконот и референдар Јован. Во натписот од струшката икона св. Ѓорѓи се споменува дека таа е изработена од зографот Јован (1266), по порачка на ѓаконот и референдар Јован. Референдарот Јован се споменува во натписот врз фреските од црквата Св;
Никола во с. Манастир (1271), како личност што ќе се грижи околу живописувањето на црквата. Се работи за иста личност. Според стилските и морфолошките анализи за тесните ликовни корелати на струшката икона и Манастир (во централниот кораб) не е спорно дали зографот Јован учествувал во живописувањето на фреските.
Новооткриените фрески во западниот дел на црквата Св. Архангел од с. Варош, Прилепско, се поврзуваат за ктиторот на црквата (обновувач на старата црква), кој е портретиран врз фреските со моделот на црквата и кој го носи името на референдарот Јован. Не е невозможно да се работи за иста личност која го познава зографот Јован, судејќи по натписот на иконата и оној во Манастир.
Уметничката активност во втората половина на XIII век може да се следи во лицето на референдарот и ѓаконот Јован, како духовен водител на ликовниот живот и зографот Јован, како истакната творечка личност од 1266 до околу 90те години на XIII век. Овој примат во уметноста во Македонија ќе го задржат овие две личности се до појавата на зографите Михаил Астрапа и Евтихие, мајсторите на фреските од Св. Богородица Перивлептос во Охрид.